Американските законодавци, сенаторот Тед Круз и конгресменот Пол Госар, синоќа изјавија дека одат во доброволен карантин откако на конзервативен настан при крај февруари имале контакт со лице кое подоцна се тестирало позитивно за корона вирус.
Законодавците учествувале на собирот на Конзервативна политичка акција, годишен настан на американските републиканци кој во Вашингтон се одржа при крајот на февруари. Темата на конференцијата беше „Америка против социјализмот“. На собирот учествуваа и претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс, како и државниот секретар Мајк Помпео, но тие не контактирале со заболени, јавуват некои извори.
На друг голем политички настан кој се одржа неделава, конференцијата на Комитетот за американско-израелски општествени работи (АИПАК), една од најактивните лоби групи во Вашингтон, кај тројца учесници тестот за коронавирус бил позитивен. На настанот исто така учествуваа високи официјални лица од Администрацијата и конгресмени.
Заклучно со денеска, корона вирус е забележан во голем број американски сојузни држави. Синоќа, првите случаи се појавија во Вирџинија, недалеку од Вашингтон (двајца заболени) и Конектикат. Досега заболени од корона вирус се 566 Американци, додека 22 луѓе починаа.
Ширењето на епидемијата започнува да влијае на секојдневниот живот во САД. Се откажуваат концерти и конференции, се откажуваат патувања, а големите компаниите и повеќе универзитети им кажаа на вработените и студентите да останат дома, и да следат курсеви онлајн или да работат од далечина.
Поради падот на акциите на берзите за седум отсто, тргувањата на главните берзи во Њујорк денеска беа краткотрајно запрени, додека пак цената на нафтата нагло поевтини во просек од околу 10 долари (околу 30 отсто) откакo OПЕK го намали производството, најголем пад од 1991 година. Причината е загриженоста кај глобалните финасиски пазари од пандемија на вирусот.