Џиновска шницла од бизон – потсетник на ресторанските гозби на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ на сметка на граѓаните за време на владеењето на Груевски, осамна денес на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во близина на познатиот ресторан „Пелистер“.
Шницлата од бизон е една од сè почестите герила – акции со уметнички и просторни инсталации, со кои граѓанските активисти упатуваат пораки во предизборието.
Претходно, во главниот град можеа да се видат инсталациите на заробена држава во кафез, Јустиција како „сваровски“ приврзок, големо уво и мобилен телефон како симбол на прислушувањето на над 20.000 граѓани, а слични инсталации се појавуваат и во други градови низ земјата.
Инаку, како што покажаа податоците за трошењата од службените картички, кои за првпат станаа транспарентни со новата влада и се објавуваа во минатите две години, шницли од бизон, коњско месо, дивеч, бифтеци и други скапи јадења, биле редовни на менијата на функционерите на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. За такви ручеци со неколку луѓе се трошеле и до 600 евра.
Освен за скапи ручеци, службените картички се користеле целосно неодговорно и ненаменски за купување скапи подароци, предмети за лични потреби, со што незаконски се трошеле стотици илјади евра пари на граѓаните.