Како што јави дописникот на АХА од Средно Коњари, денеска на аеродромот кој има можност да прифати и вселенски летала од средна класа, се очекува да пристигнат меѓупланетарните медицински екипа од планетата Мелмак, што пред некој ден ги најави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ како свој кадар спремен да помогне во корона-кризата.
– Да, експертите по медицина се од планетата Мелмак, тоа го држевме во тајност, затоа што ние од ВМРО-ДПМНЕ навистина имаме квалитетна понуда на кадри која не ја кажувавме за да ја искористиме како адут во последен момент, но сега кога изборите јасно е ќе се одложат нема потреба да калкулираме, вели потпретседателот од ДПМНЕ Александар со обравчињата (заборавам му презимето нека ми прости).
Двата медицински тима, како што известија од ДПМНЕ се држени во тајност и се обезбедени како резултат на извонредно плодната меѓупланетарна соработка што ДПМНЕ ја има со Мелмаќаните. Како што дознава АХА, медицинските тимови ќе ги предводи господинот Алф лично. Од ДПМНЕ веќе обезбедиле заштитна облека, и заштитни маски со аблемот со лавчето на ДПМНЕ, а велат тоа било стриктно на барање на Алф, за да се знае кој се грижи навистина за државата во овие кризни моменти и да се знае која партија ја има поддршката од Мелмак. Дали тоа е за искажување на поддршка на ДПМНЕ или затоа што знаеме колку Алф го милува родот мачки, не може со сигурност да се прецизира, но како и да е…
Претходно Мицкоски и Александар се сретнаа и со Орбан, кој во тајните кругови во Европа важи за миротворец и главен меѓувселенски амбасадор задолжен за медицински прашања, па најверојатно и тој е еден од добротворите кој помогнал да се реализира оваа мисија.
Бидете раат, ни порачува мелмачко-вмровската коалиција.
Екипата на АХА ви сугерира да си ги приберете мачињата, сепак доаѓа Алф и неговиот апетит.
пишува: РИБАРО
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK