Трансфер шпекулации легнуваат како кец на десетка во овие досадни денови. Веќе одреден период се погласно се зборува за заминувањето на Ловрен кој следната сезона ќе влезе во последната година од својот договор. Ливерпул се обиде да го продаде Хрватот и минатото лето, меѓутоа Рома се ценкаше во однос на начинот на исплата на договорената сума, па трансферот пропадна, пренесува Macedonian Reds.
Во следниот преоден рок (кога и да биде), Ловрен ќе биде прилично баран играч на трансфер пазарот, бидејќи, според Експрес, за него се заинтересирани дури 5 европски големи клубови. Неговиот поранешен клуб Лион, Милан и најчесто спомнуваниот Лацио се три клубови кои се поврзуваат со Ловрен изминативе пар недели. Експрес денес јавува дека и Арсенал и Спарс влегуваат во трката за Хрватот. Мурињо ќе остане на крајот на сезонава без Фертонген, па му треба искусен стопер за пополнување на таа дупка во централната дефанзива која ќе остане со Дејвисон Санчез, Тоби Алдервирлд, Фојт и по потреба Даер. Од друга страна, не треба многу да се објаснува и пишува зошто Арсенал е во очајна потрага по стопер.
Се шпекулира дека Ливерпул ќе бара 18 милиони фунти за потписот на Дејо.
Нема да прашам што мислите за овој потенцијален трансфер бидејќи Ловрен е претседател на клубот “дежурни кривци на Ливерпул”, но ме интересира што мислите дека треба да направи Ливерпул доколку се случи овој трансфер? Да се купи нов сениорски стопер кој ќе им конкурира на Ван Дајк, Гомез, Матип или во улога на четврт стопер да влезе некој од младинскиот тим како Хувер, Ван Ден Берг или Филипс?