Албанскиот претседател Илир Мета, на неговиот македонски колега Стево Пендаровски, му ја честитал ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на шпанскиот Парламент и неговото потпишување од страна на кралот Филип.
Мета, како што стои стои на официјалната веб – страна на албанскиот претседател, наведува дека со голема радост ја примил веста и додава дека Северна Македонија сега веќе е 30-та земја-членка на НАТО иако тоа го заслужувала многу поодамна.
-Ова е една многу радосна вест за сите нас,бидејќи членството на Северна Македонија во НАТО е во служба на зацврстување на сигурноста, стабилноста и мирот и тоа не само во регионот. Албанија беше меѓу првите земји што го ратификуваа овој Протокол и отсекогаш била постојан поддржувач на вашето патување во НАТО. Ова е круна на вашите неспорни достигнувања кон стандардите што ги бара Алијансата, како и на нашите заеднички напори, дури и во рамките на Јадранската повелба, каде што нашите земји меѓусебно се поддржуваа и помагаа, пишува Мета.
Изразува убедување дека Албанија и Северна Македонија, како две соседни земји, сојузници на НАТО и со заеднички европски и евроатлантски визии „дополнително ќе ја зајакнат соработката и ќе придонесат за натамошно зајакнување на колективната безбедност“.
-Честитајќи ви уште еднаш за овој извонреден настан, Ваша екселенцио, уште еднаш ја искажувам мојата огромна почит!,наведува Мета постирајќи фотографија на која се заедно со Пендаровски.