Оркестар од девет лица кои биле во Австрија, а се од Битола, велат дека се единствените кои се сместени во карантинот во касарната Пепелиште на Криволак.
Тие за „А1он“ сведочат дека не биле единствените кои влегле на македонска територија, но се единствените кои се во групниот карантин. Менан Дарабука, член на бендот вели дека одбиваат да останат на Криволак и се жалат на лошите услови. Тој достави и видео, на кој се гледа како изгледа касарната во која се сместени и искоментира: „Рекоа 200 души, а сме само 9, се е лага“.
„Перниците не се перени 20 години. Овде ќе фатиме болест. Инфекции има. Како ќе спиеме овде во карантин? Ние ќе се замрзнеме, ќе се испоразболиме од ова! Овде од здрави ќе станеме болни. Четири дена, ниту сме капени, ништо и овде сега да седиме, каде нема услови за туширање. Бараме да одиме во домашен карантин“, велат во видеото членовите на бендот.
Тие тврдат дека се тестирани неколку пати претходно, но велат дека не е проблем да бидат тестирани и повторно, но одбиваат да останат во касарната.
Извор: А1он