Случајот со Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, отвори сериозни прашања за функционирањето на институциите во Северна Македонија, но и за заштитата на човековите права. Во анализа на ЦИВИЛ МЕДИА, случајот се разгледува низ три димензии: судските мерки и необјаснетото преминување на границата, правото на лекување и политичката инструментализација на човечка трагедија.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, заминала во Бугарија на 11 октомври и покрај одземените пасоши и судската забрана за напуштање на земјата. МВР соопшти дека нема евидентиран излез од Северна Македонија, ниту регистриран легален влез во Бугарија. Таа и нејзиниот адвокат, пак, тврдат дека поминале преку официјален граничен премин.
Оваа противречност бара независна истрага, а не политички пресуди.
Меѓутоа, случајот има и човекова димензија што често останува во сенка. Михаилова барала лекување во Бугарија поради повреди добиени во несреќата. Од софиската болница „Пирогов“ соопштија дека одложувањето на лекувањето може да предизвика трајни негативни последици.
Правото на здравствена заштита не престанува со подигнувањето обвинение. Но ниту потребата од лекување автоматски го оправдува непочитувањето на судските мерки. Државата има обврска да обезбеди и соодветна здравствена грижа и непречено спроведување на правдата.
Во меѓувреме, политичките реакции добија размери на вистински ОК Корал. СДСМ побара оставка од министерот Панче Тошковски, додека други политички актери отворија прашања за можни институционални пропусти и прикриени договори со Софија. Таквите обвинувања бараат докази, а не однапред утврдени виновници.
Михаилова тврди дека била дискриминирана поради бугарското национално самоопределување. И ова тврдење заслужува независна проверка, без националноста да се користи како аргумент за невиност или вина.
Но во политичките пресметки речиси исчезнува уште едно суштинско прашање: правото на семејството на загинатиот да добие правда.
ЦИВИЛ МЕДИА предупредува на опасноста човечката трагедија да се претвори во средство за политичко профитерство. Политичарите имаат право да бараат одговорност, но не и да ги заменуваат институциите во утврдувањето вина.
Државата мора да обезбеди и правда и лекување. Ниту едното смее да биде изговор за ускратување на другото.
Текстот е подготвен според анализата на ЦИВИЛ МЕДИА „Случајот ‘Ива Михаилова’: Меѓу правото на лекување, бегството од правдата и политичкото профитерство“.






