Мрежата за заштита од дискриминација испрати лично адресирани писма до сите пратеници, членовите на Владата, премиерот и претседателката на државата, со повик за исполнување на шесте барања за подобрување на системот за превенција и заштита од насилство врз жените.
Од Мрежата посочуваат дека измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието на 26 август, сè уште чекаат да бидат ставени на дневен ред. Не се усвоени ниту заклучоците од надзорната расправа, одржана пред седум месеци, кои треба да утврдат конкретни мерки, рокови и одговорности на институциите.
Првиот јавен повик за одговорност е упатен до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Мрежата бара одговор кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред и кога Собранието ќе ги усвои заклучоците од надзорната расправа.
Од организацијата потсетуваат дека во 2026 година се регистрирани седум случаи на фемицид и бараат функционерите до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, јавно да соопштат кои од шесте барања ги исполниле и какви конкретни чекори презеле.
Во Собранието, пратениците се приклучија кон кампањата со оставање пораки на симболичен банер, како дел од повикот за прекинување на молкот и подигање на јавната свест. Собраниската прес-служба најави дека и во наредните денови ќе продолжат активностите за поттикнување на пријавувањето и заедничката одговорност во спречувањето на насилството.
Б. Ј.






