ФРОНТЛАЈН ПРЕС | ЕДИТОРИЈАЛ
Во Северна Македонија, неказнивоста одамна не е исклучок, туку правило, политичка практика и општествена болест. Одамна никој не верува дека оние што имаат моќ, пари и врски се еднакво третирани пред законот. Едноставно, за моќните и за врскаџиите, законот не важи.
Од корупциските скандали до насилството врз жените, од злоупотребата на јавните ресурси до институционалното непостапување, се повторува истата приказна со години и децении. Одговорноста исчезнува таму каде што почнуваат политичката моќ, партиската заштита и влијанието на привилегираните.
Се менуваат влади, министри, директори и партиски знамиња. Но системот на неказнивост преживува. Вчерашните обвинители стануваат денешни обвинети во политичките пресметки, а вистинската одговорност останува закопана под купишта соопштенија, прес-конференции и бескрајни судски постапки.
Европската комисија во извештајот за 2026 година предупредува дека високопрофилните корупциски случаи се одолжуваат и често завршуваат со застарување. Во борбата против корупцијата нема напредок. Тоа не е само административна слабост. Тоа е сериозна дијагноза за држава во која правдата премногу често губи од времето, парите и врските.
Но неказнивоста не живее само во кабинетите на функционерите. Таа живее и во полициската пријава што не добила соодветен одговор. Во заканата што институциите ја потцениле. Во насилникот што продолжува да тероризира. Во жената што побарала заштита, а останала сама и поради системот што не функционира – го загубила и животот. Во детето што никој не го слушнал навреме и завршило на улица, со насилство, уличен криминал и дрога.
На 20 ноември, Обединетите нации предупредија за драматичен пораст од 70 проценти на пријавените случаи на родово базирано насилство во првите десет месеци од 2026 година. Зад статистиката стојат реални човечки судбини и институционални пропусти што понекогаш завршуваат со неповратни трагедии.
И тогаш повторно слушаме дека „институциите постапуваат“. Дека „се преземаат мерки“. Дека „случајот се истражува“.
До кога?
Власта не може бесконечно да ја префрла вината на претходниците. Институциите не смеат да бидат ниту партиски штит, ниту декорација за политички говори.
Неказнивоста е најопасната форма на институционализирана неправда. Таа испраќа порака дека законот е строг кон немоќните, а флексибилен кон моќните.
Држава во која одговорноста е селективна не може да биде правна држава. Демократија во која граѓаните мора да молат за правда е демократија во опасност.
На граѓанките и граѓаните не им се потребни нови спектакуларни ветувања за пресметка со криминалот. Ни требаат независни институции, заштитени жртви, ефикасни истраги, правосилни пресуди и одговорност за секое службено непостапување.
Зашто неказнивоста не е само отсуство на правда. Таа е дозвола неправдата да се повтори.
Сите права се задржани.






