Цивилизацијата се соочува со исклучителен предизвик, да се справи со пандемијата на крајно опасниот вирус Ковид 19, кој е закана за човековото здравје, огромен тест за здравствениот систем, но и потенцијална бомба за целата светската економија, напиша министерот Сугарески.
Нашата земја не е исклучок од оваа глобална криза. Во целата несреќа, среќа е што ние не го потценивме потенцијалот на “vis major” околностите и секојдневно преземаме серија мерки. Денес ја подигнуваме „борбената готовност” на македонското општество на повисок степен.
Вонредната состојба е уставен механизам соодветен за околностите кои се соочуваме. Техничката Влада е ставена во ситуација на крајна нужда заради која мора да добие надлежност да носи уредби со законска сила. Нема време за чекање и одлагања. Треба да се делува. Чувствувам за потребно и јас да упатам апел до политичките фактори во земјата:
Сега не е време за партиски калкулации и ситно дневно политичко профитерство. Кризата е толку голема што ги надминува нашите разлики. Само сплотени со искрена взаемна поддршка можеме да бидеме доволни силни за да ја пребродиме пандемијата.
Стануваме полноправна членка на НАТО Алијансата и затоа имаме уште поголема обврска да се издигнеме на висината на задачата. Граѓаните кои се трауматизирани од мерките кои ги ограничуваат основните слободи и права како цивилизациска и демократска продобивка, очекуваат од нас политичарите, во овие тешки моменти, да бидеме разумни и да им дадеме верба дека знаеме и умееме да делуваме како една целина токму тогаш кога е најнужно. Јунаците се познаваат на маката! Сите треба да манифестираат највисока национална свест и да се однесуваат во согласност со потребите на ситуацијата! Тешко е, веројатно ќе биде уште потешко, но ќе победиме! За доброто на сегашните и за доброто на генерациите кои доаѓаат!
Фејсбук статус на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески