Дескоска на денешната прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски, најпрво им посака побрзо закрепнување на сите и им се заблагодари на сите оние кои се директно вклучени во кризата со која се соочуваме. Таа додаде дека самото прогласување на вонредна состојба не значи забрана за движење, ниту полициски час, ниту затворање на продавници или нешто слично.
„Од вчера, со прогласувањето вонредна состојба Владата има можност да носи законски одредби. Ако се смири ситуацијата, вонредната состојба може да биде прекината, но во спротивно може да биде и продолжена. Уставот дозволува казнивост по основ на непочитување на мерките од населението. Со моментот на прогласување на вонредната состојба важат мерките кои досега се донесени од страна на Владата и тоа не значи автоматско стапување на сила на нови мерки. Практично, исто е како пред воведувањето на вонредна состојба, само сега Владата има поголеми надлежности да се справи со оваа криза. Ограничувањето не се однесува на човековите права и слободи, секој има право на лекарска помош, на право на слободна мисла итн“, истакна Дескоска.
Дескоска апелира сите совесно и одговорно да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство и Владата и додаде дека вонредната состојба е за полесно да се справиме со кризата и Владата да може сега поекспедитивно и навремено да менува законски одредби претходно донесени.
Потребна е емпатија и солидарност, нагласи министерката.
„Гласањето за вонредна состојба беше една од најтешките одлуки кои ги имам донесено во животот, навистина не верував дека некогаш ќе живееме во вонредна состојба“ – рече министерката за правда, Рената Дескоска.
А.Н.С./Ј. Ѓ.