Во периодот од 17 до 18 март, овие измината два дена, на територијата на целата држава нови решенија за изолација се изречени вкупно 116, а изјави за самоизолација се потпишани 1089 што заедно претставува голема бројка и ако се додадат претходно потпишаните изјави за самоизолација како и решенија се добива некоја бројка од над 2000, рече заменик министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска во Црвена линија на Телма.
„МВР има една исклучително важна улога а тоа е гарантирањето на јавниот ред и мир на нивото на цела држава, треба да се има предвид дека долу на јужната граница е отворена опасноста од нова мигрантска криза, таму имаме распоредено доволен број на полицајци кои треба да ја гарантираат безбедноста, меѓутоа мислам дека изминатиов период припадниците на МВР со сите предизвици кои им се појавија поприлично добро се справија и успеа да го гарантираат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните и државата пред сè“, рече Петровска.
Заменик министерката рече дека се разгледува можноста и се во фаза на подготовка на предлози кои официјално ќе бидат доставени до Владата со коишто ќе биде предложено барем во овој период додека трае вонредната состојба документите на граѓаните кои им се истечени или ќе им истечат да продолжат по сила на Закон односно уредба.
„Личните документи за идентификација бидејќи тие се најнеопходни, возачките дозволи доколку постојат услови за тоа и патните исправи“, рече Петровска.