Целата прехранбена индустрија е максимално мобилизирана. Има доволно залихи на сите основни артикли, нема потреба од панично купување на храна бидејќи има доволно за сите, ние делуваме антиципативно, истакна денеска на прес-конференција Ѓорѓи Петрушев од Здружението за земјоделство и преработувачка индустрија при Стопанската комора, по состанокот со претставници од прехранбениот сектор.
Тој појасни дека се има разбирање од надлежните, а фокусот е ставен како да се обезбеди увоз на некои суровини кои што се увозни компоненти а се неопходни во производството, и тоа е веќе во тек.
– Целата прехранбена индустрија е максимално мобилизирана, на сите ни е во фокусот ставено како да го продолжиме производството, залихи имаме сите доволно, и брашно и леб и масло за јадење, млеко и млечни производи, јајца, кондиторски производи, месо и месни преработки. Уверувањето е од сите исто, се ставаме во служба на земјата, во служба на потрошувачите и навистина нема потреба од панично купување на храна, храна има доволно за сите, рече Петрушев, потсетувајќи дека сега е време за разбирање, солидарност, не мислење само на свои лични интереси туку на пошироката заедница.
Петрушев повтори дека граѓаните можат само да си наштетат ако сите во исто време одиме во маркетите, бидејќи така се прават непотребни гужви. Додаде и дека ако натрупаме залихи за три недели, некој можеби ќе нема ни за два дена.
-Залихи има доволно, за три недели, за месец дена.. но ние делуваме антиципативно, бидејќи сакаме сега да ги обезбедиме тие протоци, сега да ги обезбедиме протоколи пред да дојде моментот на криза. Тоа не значи дека во овој момент сме соочени со криза, затоа што и пред оваа криза имаме некое оптимално ниво на залихи за да се има континуитет на производството, ние тој континуитет ќе го обезбедиме, работата е, бидејќи кризата нема да заврши утре, антиципираме уште од сега мерки и начини за да не дојде до недостиг, и нема да дојде. Се работи на меѓудржавни протоколи, имаме веќе протоколи обезбедени и за возачи и за дотур и за нашите работници, работа во смена, работа од дома, сите овие работи се веќе антиципирани, рече Петрушев.
Тој додаде дека дури и да има застој, тој ќе биде од неколку дена кои што веќе се покриени, односно како што рече, нема да предизвика недостиг или запирање.