СЛОВЕНЕЧКАТА Влада времено целосно го забрани движењето на граѓаните и собирањето на јавните места. Граѓаните сепак ќе можат да излегуваат доколку одат на работа, лекар, аптека или по набавка на храна.
ТОЈ штој ќе ја прекрши изолацијата, ќе биде префрлен во центрите за карантин. По откриените триесетина случаи на граѓани кои не ја почитуваа наредбата за домашна изолација и беа затекнати надвор од своите домови, премиерот Спасовски најави дека од утре несовесните граѓани ќе бидат автоматски префрлани во центрите за карантин и кривично ќе одговараат.
ВОДНО од денес затворено за граѓани од 18 часот до 6 часот наутро, автошколите да не вршат обуки, ниту полагање, а супермаркетите и аптеките да имаат редарска служба што ќе дозволува влез на луѓе во објектот, два метри да има раздалеченост на луѓето што ќе бидат внатре.
ВО КОСОВО за првпат е спроведен нов начин на протести, без голема толпа на улица, без гужва и без опасност од ширење на корона вирусот. Вечерва граѓаните организирани на социјални мрежи точно во 20:00 часот протестираа против предлогот за изгласување на недоверба на Владата предводена од Албин Курти, а иницирана од неговиот коалициски партнер, Демократскиот Сојуз на Косово.
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ на СДСМ, Зоран Заев рече дека со тимот експерти работи на нов, огромен пакет економски мерки за поддршка на стопанството, на фирмите, работниците и граѓаните, за санирање на економските последици од глобалната пандемија со корона вирусот. Тој истакна дека ние ќе бидеме земја со најголема помош во регионот по глава на жител за штетите од корона вирусот.
БРОЈКАТА нови случаи заразени со коронавирусот во земјава е во благ пораст. Надлежните смируваат дека засега државата добро се справува со ситуацијата. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека бројот на пациенти е во пораст, но оти кривата е блага.
ПРЕХРАМБЕНАТА индустрија во земјава им порачува на граѓаните дека нема потреба панично да купуваат залихи зашто има доволно леб, брашно, масло за јадење, млеко, млечни производи, јајца, кондиторски производи, месо и месни преработки. Сите што нема да ги почитуваат владините мерки, казни до 5.000 евра, па и една година затвор.
ВЛАДАТА им препорачува на работодавачите да организираат работа од дома.