По повод Светскиот ден на водата, ЈП Водовод и канализација – Скопје, денеска апелира секој од нас да превземе акција, да ја чуваме водата и одговорно да се однесуваме кон неа и природните водни ресурси, оттаму доаѓа изворот на нашето здравје, изворот на животот.
– Останете дома, пијте повеќе вода за прочистување на организмот, редовно мијте ги рацете, одржувајте ја хигиената, спречете го ширењето на корона вирусот. Од нас зависи, стои во апелот од ЈП Водовод и канализација – Скопје .
Идејата за одбележување на Светскиот ден на водата потекнува од 1992, кога се одржала и Конференцијата за животна средина и развој во ОН. Токму тогаш од страна на Собранието на ОН, 22 март се одредува како Светски ден на водата, чие одбележување започнува од 1993. Светскиот ден на водата ја слави водата и има за цел подигање на јавната свест на 2.2 милијарди луѓе кои немаат пристап до чиста вода за пиење. Главниот фокус на Светскиот ден на водата е поддршка на достигнувањата на целта за одржлив развој 6 (Sustainable Development Goal 6).
Оваа година, се појаснува во соопштението од ЈП Водовод и канализација – Скопје, Светскиот ден на водата се однесува на водата, климатските промени и нивната поврзаност.
– Со прилагодување на ефектите на водата предизвикани од климатксите промени, придонесуваме до заштита на здравјето и можеме да спасиме живот, а со правилна употреба на водата придонесуваме до намалување на ефектите на стаклена градина. Немаме време за чекање; Водата може да помогне во борбата против климатските промени; Сите треба да превземеме акција, стои во соопштението.