Македонската Железница се става на располагање на сите приватни транспортери кои ќе можат да ги користат вагоните за пренесување на репроматеријалите. Ова е една од новите мерки кои денеска ги најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, со цел олеснување на работата на транспортерите на стоки во услови на претпазливост од проширување на корона вирусот.
„Целиот капацитет на Железница транспорт, сите вагони од различен тип се ставени на располагање на стопанството за поревоз на репроматерјалите на индустриите, така што ова е една олеснителна околност за сите фирми кои имаат потреба од ова”, изјави Сугарески.
Тој објасни дека транспортот на стоки во железничкиот товарен сообраќај ќе се врши со менување на локомотиви на самите гранични премини меѓу државите, со цел нашите граѓани да не патуваат надвор од земјава. Со една железничка товарна композиција, рече министерот Сугаревски ќе може да се транспортира количина на стока што е еднаков со капацитетот на товарот на десетици камиони.
Професионалните возачи, за превозниците кои ќе користат транспорт со камиони, ќе биде неопходно да поседуваат дозвола за влез и излез од територијата на нашата земја, а истата ќе биде издадена од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„За да нема застој, ги упатуваме транспортните компании дозволите да ги вадат и преку Асоцијациите на транспортери. Исто така утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар – растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај”, рече Сугарески.
А. Зеќири