Текстот „„Мистериозно“ слетување на затворениот аеродром во Скопје: Што донесе карго авионот од Виена?!“ истражува случај на слетување на мал карго-авион на скопскиот аеродром откако Владата објави дека тој ќе биде затворен согласно мерките за заштита од ширењето на епидемијата на корона-вирусот, пишува „КриТинк“.
Написот не ги објаснува причините зошто е важно да се дознае зошто слетал овој авион и зошто ова слетување во текстот е оквалификувано како „мистериозно“, иако е добиена потврда од официјална инстанца дека навистина имало таков лет и оти за него постои валидна одлука на Владата. Несомнено дека е легитимно новинарот да бара транспарентност на постапките на Владата, меѓутоа не и тенденциозно и без ниту трошка основа да шпекулира за нив.
Имајќи предвид дека во земјава беснее епидемија на корона, првата претпоставка, дека се работи за медицинска опрема, делува логично, но втората, дека авионот носел кеш-пари за неименуван „тајкун во власта“ звучи сосема депласирано и надвор од логиката, секако, доколку не биде презентиран релевантен доказ или барем не се даде добра причина за вакво сомневање. Знаел ли медиумот дека некој нарачал пратка со пари со овој лет, одобрен од Владата и како дошол до таа информација? Ако знаел, тоа би требало да се наведе во текстот. Вака, оваа шпекулација прозвучува шупливо и како гол сензационализам без никаква основа.
извор: МЕТА