ЦЕРЕМОНИЈАТА за подигање на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО ќе се одржи на 30 март годинава во присуство на Јенс Столтенберг, претседателот на Воениот комитет на НАТО воздухопловниот маршал сер Стјуарт Пич и Зоран Тодоров од делгацијата на нашата земја во НАТО. Знамето на Северна Македонија ќе биде истовремено подигнато и пред седиштето на Заедничката команда во Монс, Белгија и Сојузничката команда во Норфолк во САД.
*
МИНИСТЕРСТВОТО за надворешни работи на Грција преку официјалниот „Твитер“ профил упати честитки за нашето членство во НАТО, додавајќи дека очекува конструктивна соработка, јави дописничката на МИА од Атина.
*
МИНИСТЕРОТ а здравство Венко Филипче нагласи дека здравствениот систем е во целосна добра кондиција и е подготвен и за зголемен број случаи на корона вирусот, истакнувајќи дека е добро што има линеарно зголемување на бројот на заболени од корона вирус.
*
ОДЛОЖУВАЊЕ на отплатата на обврските по кредитите до шест месеци, понудија банките и штедилниците за граѓаните поради кризата, а олеснувања за отплата најавуваат и нефинансиските друштва и за оние граѓани што имаат брзи кредити.
*
ПО повод глобалната еколошка акција, Часот на планетата Земја, нашата држава вечерва во 20:30 часот, заедно со над 8.000 градови во над 180 држави низ светот, ќе ги исклучи светилките со цел испраќање силна порака за спас на нашата планета.
*
НОЌВА во два часот по полноќ почнува летното сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час напред што значи дека наместо два ќе биде три часот.
Летното сметање на времето завршува на 25 октомври во 3 часот по полноќ.