Две лица починале на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби како последица на Ковид-19, 91 годишен пациент и 31 годишен пациент.
Како што информираше денеска на прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче 91-годишниот пациент бил хоспитализиран пред осум дена, а изутринава починал и пациент на 31 годишна возраст, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата. Тој бил во тешка клиничка состојба и од вчера бил ставен на респираторна машина.
Изминатите 24 часа, како што информираше Филипче, има 16 (+2) новодијагностицирани случаи, со што вкупната бројка на дијагностицирани во земјава изнесува 257 (+2) лица. Со новите случаи до денеска од Ковид-19 починале шест лица.
На Инфективната клиника, додаде тој се примени тројца пациенти, од Скопје и од Куманово и во моментов таму има вкупно 49 хоспитализирани лица, од кои седуммина се со потешка клиничка слика, односно имаат пневмонија, а другите пациенти се во стабилна состојба. Во моментов нема пациенти на респираторни машини.