Во првиот дел од интервјуто со Бојан Маричиќ, Национален координатор за интеграции во ЕУ, правен експерт, разговараме за напредокот на Северна Македонија во процесот на интеграциите во ЕУ. Тој одговори на прашањата кои се итните задачи и дали е возможно нивно спроведување во услови на пандемија, а секако и на многу важното прашање за должината на тој процес.
ЦИВИЛ МЕДИА: До каде е Северна Македонија во процесот на интеграциите, кои се итните задачи и дали воопшто е можно нивно спроведување во услови на пандемија? Со кои ресурси располага Владата во овој момент?
МАРИЧИЌ: Почетокот на преговорите за членство во ЕУ е навистина голема работа за Северна Македонија, кој го чекаме долго време и за што активно сме работеле решавајќи крупни прашања и донесувајќи тешки одлуки за определени области. Меѓутоа, многу е важно што се случи таа одлука на 26 март и што можеме веќе да се подготвуваме за почеток на преговорите. Нормално, ситуацијата со раширувањето и битката со вирусот КОВИД-19 на некој начин го диктира и темпото на работа во сите други политики, а така е и во европските интеграции.
Ние започнавме со подготовка на почетокот на преговорите, на таа преговарачка рамка, овие денови имаме интензивна комуникација со колегите од Брисел, бидејќи таа преговарачка рамка се прави во координација меѓу нашата Влада и Европската Комисија и понатаму наредната фаца и државите членки. Мислам дека е важно да се каже дека ние влегуваме подготвени во овој процес, бидејќи поминавме технички или објаснувачки скрининг со Европската Комисија за сите 33 поглавја и сега практично истите ќе ги организираме во кластери според новата методологија на ЕУ, и јас би очекувал некаде на почетокот на јуни веќе да имаме нацрт на преговарачката рамка, која што ќе почне да се дискутира со државите членки и која ќе биде основа за формален почеток на преговорите или во текот на летото или есента.
Тоа ќе зависи и од динамиката со корона вирусот, но, секако и од тоа како ние се подготвуваме. Нас ни е мило што Европската Комисија и Европската унија не нѐ заборавија во овие моменти и што продолжува работата толку нормално и редовно колку што е можно во овие услови, но не е застаната, ниту во делот на координација на помошта што ја добиваме од ЕУ, ниту во делот на координација на почетокот на преговорите и ние имаме веќе подготвена правна рамка и луѓе во институциите, секако во постојана координација сме и со граѓанскиот сектор, експертите од академската јавност, но исто и со експертите од пракса – компаниите, стопанските комори, разните институции кои работат конкретно во определена област, така што ние подготовките ги тераме, дел се и завршени и подготвени сме како институции и како држава да ги почнеме преговорите и овој процес за кој веќе долго чекавме.
Како општество мислам дека уште повеќе бидејќи навистиа чекајќи долго станавме свесни што значи да сте внатре, а што значи да сте надвор од ЕУ. За жал имавме еден тежок период од 11 години застој, во време на режимот на Груевски, кој за среќа со интезивна работа го надоместивме во еден голем дел во овие три години.
ЦИВИЛ МЕДИА: Европска Унија не е само пари, работни места, стандард, благосостојба… ЕУ се темели на европските вредности кои подразбираат човекови права и слободи, демократија, почитување на човековото достоинство, социјална правда, еднаквост… Дали македонското општество е подготвено за усвојување и практикување на европските вредности? Каде сме најслаби и каде најсилни?
МАРИЧИЌ: Мислам дека тоа е вистинско прашање во овој момент кое се наметнува со почетокот на преговорите за членство. Морам да кажам дека токму од таа причина и ние како Влада инсистираме граѓанското општество да биде вклучено во процесот на преговори токму поради тоа што таа борба за вредности не е едноставна и ни се потребни сојузници кои ќе застанат на страна на вредностите и ќе се борат истите да бидат инкорпурирани во институциите и во правилата кои важат во сите области.
Морам да признаам дека преку овој скрининг од 33 поглавја осознавме многу и за вредностите, но исто така и за нивната практична примена преку политиките на ЕУ, бидејќи на европско ниво се грижат ниту една од тие вредности да не остане само на хартија или да виси во воздух, туку да најде своја конкретна форма во секојдневието на граѓаните и институциите. Затоа мислам дека ние сме подготвени да почнеме, тоа е несомнено, дека сме подготвени да завршиме, тоа ќе биде процес кој ќе трае неколку години, како што траело во сите држави кои пристапувале кон ЕУ, но мислам дека сме зрели да го почнеме тој процес и да сме свесни дека тоа е процес кој бара многу залагање и ангажман и жртвување.
Секако ќе има и бенефити, придобивки и пари, меѓутоа тоа доаѓа заедно со спроведување на стандардите и вредностите. Ние мораме да се одлучиме без задршка каде припаѓаме, во која група на држави, кои ни се сојузници и со кого сакаме да градиме заедничка држава. Ако се тоа државите членки на ЕУ, тоа оди под одредени правила. Мислам дека е многу важно да кажеме дека ние секако имаме области каде сме доста силни, имаме многу направено и во делот на демократските вредности, се почнува да се одмотува клопката и во делот на правосудството и тука ќе мораме да продолжиме, меѓутоа имаме што да кажеме, имаме добри практики во делот на решавање на билатерални спорови и со соседите.
Во рамките на оние конкретни политики можам да кажам дека имаме одличен перформанс во некои институции како што се Завод за статистика, Агенција за храна и ветеринарство, Царинска управа, Министерство за финансии кои секогаш во овој период добивале само пофалби. Издвоив неколку, меѓутоа има и други. Оние области кои се многу тешки во текот на имплементацијата, стандардите на ЕУ и преговорите се земјоделие, животна средина, каде знаеме дека ни треба многу ангажман, но и оние четири слободи од заедничкиот пазар, како слободно движење на стоки и услуги, капитал и луѓе, тука имаме уште многу да работиме, меѓутоа можам да кажам дека имаме делови и области каде сме навистина добро усогласени и можеме и да се пофалиме и да се носиме на исто ниво со држави кои преговараат, како Црна Гора, Србија итн…
Не мислам дека сме незрели да почнеме, имаме што да понудиме, најбитно од се е да има силна политичка волја и да има општествена сила која ќе ги турка работите напред, бидејќи е јасно, досега се покажа дека за жал нашето општество е поделено и имаме сили кои сакаат државата да оди напред и да се интегрира во овие системи на вредности и имаме сили кои сакаат државата да остане надвор од тие системи на вредности, за да можат тие политички да профитираат и да го конзервираат општеството во една изолација. Допрва ни претстојат битките, но правецот е вистински.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кажувајќи го сето ова, а по изјавите што ги слушнавме повеќе пати од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој очекува преговорите да траат околу 6 години, дали тоа е и твоја проценка, дека тоа е една реална рамка, имајќи го предвид ова што ни го кажа?
МАРИЧИЌ: Неблагодарно е да се прогнозира. Прогнозите и во случајот на Србија и Црна Гора одеа од 6 до 7 години, па еве веќе 8 години преговараат и не се до никаде. Но, би рекол дека тоа многу зависи како ќе се поставиме ние како држава кандидат. Ако се поставиме како досега, како овие три години воопшто не е нереално за 6 години да го завршиме најголемиот дел од преговорите. Ако фатиме еден добар интензитет на преговарање и имплементација, ние ќе може да кажеме за 6 години дека сме завршиле најголем дел од преговорите.
Секако ќе има еден период од година или две преговорите на ратификација, како што беше тоа и со НАТО, на пристапниот договор, меѓутоа затоа велам, 7 до 8 години е реална рамка за членство, но тоа е само можност и рамка. Ние треба таа рамка да ја искористиме. Мислам дека ќе најдеме на отворени врати на ЕУ, можам само пофалби да кажам за новата Европска Комисија во тој дел, се надевам дека така же продолжат и дека ќе бидат навистина на задачата, затоа што без партнерство од таа страна, тешко ќе можеме ние да сметаме на брзи чекори напред.
Она што е важно да се каже во овој дел, ако ние ги правиме чекорите храбро, одговорно и со конкретни резултати, тогаш многу тешко ќе биде на ни рече некој не и да не одлагаат премногу долго за членство. Најдобар начин да се притисне државите членки да донесат позитивни одлуки е нашиот добар резултат во трансформација на државата и во носење на добри и позитивни вести за тоа како ги решаваме проблемите кај нас. Така што, верувам дека е можно за шест години да завршиме еден сериозен и суштински дел на преговорите.
Разговорот го води: Џабир Дерала
Монтажа: Ариан Мехмети
Обработка на текст: Ангела Петровска