пишува АНА Н. СТОЈЧЕВСКИ
„Ако сакаш да уништиш една нација, расипи ѝ го образовниот систем“
Живееме во држава во која образовниот систем е урнисан и се гледа дека ниедна владина гарнитура не се ни осудува да направи поголеми и подрастични промени, од неквалификуваните штапски кадри кои се одговорни за воспитувањето на децата, до програмите кои „осакатија неколку генерации.“ Истите тие генерации беа жртви на екстерно тестирање во услови кога и наставниците не би ги знаеле одговорите на прашањата. Парите за компјутери се испраа, компјутерите се распаднаа или не се ни употребија. Пред 3-4 години, кога и последен пат се полагаше тоа екстерно, едно од прашањата по англиски во основно беше „што сакаат девојчињата?“ Што би одговориле вие?
Без никаков контекст, без никакви претходни подготовки и материјали, тоа беше само едно од низата безсмислени прашања според кои подоцна се усвојуваше целосниот успех на ученикот, а целокупниот труд низ школската година паѓаше во вода. Попластично кажано, иако вашето дете имало (5) по хемија на полугодие, вие можеби сте платиле и некој приватен час за да му помогнете, а на екстерното му се паднало хемија и добива оцена (2), во свидетелството му стои (2).
Да се потсетиме дека токму предлогот за екстерно тестирање на факултетите ги крена на нозе академските граѓани, движење кое од студентски марш прерасна во револуција. И беше шарена, и ветуваше колоритна иднина. Среќната вест е што екстерното беше укинато пред да мора уште една генерација да одговара на прашањата на Спиро Ристоски „што сакаат девојчињата?“
Но, тоа не е решението. За да дојдеме до решение прво треба да ги лоцираме проблемите, а ги има доста. Дали македонското образование е Гордиев јазол кој никој нема храброст да го одмота или барем, следејќи ја легендата на (релативно) нашиот Александар Македонски, да го исече на парчиња. Најцрниот период од времето на неедукацијата на дпмне остави длабока лузна која уште долго нема да зарасне.
Со секоја промена која доаѓа од Министерството за образование само се докажува дека во таа институција најверојатно работат луѓе кои можеби се теоретски стручни, но не поминале ни еден ден во настава. Пред почетокот на учебната 2019/20, од МОН до училиштата беше испратена одлука за класовите со помалку од 18 ученици да бидат разделени и прераспределени во други, веќе постоечки, за бројот да бил некаде меѓу 25-30.
Не мора да имате работено долго време во настава за да знаете дека тоа е една од најнепродуктивните мерки некогаш во македонското образование. Колку за споредба, напредните земји, инцидентно водени од жени, освен што го имаат редуцирано и ограничено бројот на ученици во еден клас, дури и таа горна граница од 15-18 деца во училница не се исполнува, доколку нема двајца наставници.
Оваа несоодветна измена ги пречека учениците и родителите на 1 септември 2019, кога и така исплашени од тогашната епидемија на сипаници, наидоа на пренатрупани училници во кои скоро и да немаше воздух. Тие реакции се задушија. Наставници кои немаа доволно контакти останаа без часови во неможност да се прераспределат во друго училиште.
Ваквиот чекор, гледано од педагошко-психолошки аспект кај деца во развој, може да доведе до несакани ефекти кои подоцна ќе се манифестираат. Прво, децата кои веќе си биле навикнати на опкружувањето во своето одделение и стекнатите другарчиња, сега беа втурнати во присилно мешање и одново адаптирање на средината. Второ, секој просветен работник ќе потврди дека е апсолутно поефикасна и попродуктивна работата на час со помалку ученици затоа што така наставникот може да посвети доволно внимание и на оние посрамежливите и несигурни ученици. Трето, болести. Децата се носители на разни болести, сега, во време на пандемија од заразна болест најнагласен е фактот дека тие може да се носители на некоја бактерија или вирус, но да не покажуваат никакви симптоми. Е сега, замислете над 30 деца во училница од не цели 40 квадрати во време на сипаници или грип.
Последниов месец, со избивањето на пандемијата и итното наоѓање разни решенија од министерствата и други органи како да се продолжи наставата без да пропадне школската година, излезе платформата ЕДУИНО на која ученици од секое одделение имаат видео содржини на македонски и на албански јазик. Министерството исто така, следејќи примери од регионот и Европа, пристапи кон овозможување онлајн настава за секој ученик. Онлајн подразбира користење на интернет и апликации за комуникација како Zoom, Skype, Viber итн. Не помина ни една недела од почетокот на тие онлајн часови, а низ социјалните мрежи почнаа да се жалат родители дека наставниците не знаат да ги употребуваат тие алатки. Овој пример нѐ носи на следниот аргумент – намалена старосна граница за наставници и просветни работници. Можеби и бенифициран стаж.
Ако еден работен ден вам ви поминува со околу 20-30 луѓе, на еден наставник денот му е со најмалку 70-90 деца, секое различно и специфично на свој начин, некое со краткотрајно внимание, друго спонтано и зборливо, итн. Тој еден наставник води евиденција за развојот на секое дете одделно, знае кои му се мааните и доблестите, му ги знае интересите и преку нив му го пласира материјалот, бележи подобрувања, проверува тестови, домашни, и на сето тоа, постојано е расположен за да помогне.
Наставникот е психо-физички истрошен после 20 години работа. Таа граница треба да се намали. Прво затоа што многу млади, стручни и енергични кадри чекаат вработување, додека генерации наставници кои сега не знаат да употребат Zoom непотребно се оптоваруваат, а одамна го имаат изработено својот дел.
Креаторката на познатата серија „Вовед во анатомија“, Шонда Рајмс на Твитер ја напиша вистината што сите наставници ја знаат, а никој не ја слуша. Како што почна карантинот низ цел свет, родителите мораа да глумат наставници на своите деца. Рајмс, уште првиот ден од карантинот, пиша „Веќе еден час и 11 минути им предавам дома на 6-годишно и 8-годишно дете. Наставниците заслужуваат да заработуваат милијарда долари годишно. Или неделно.“
Been homeschooling a 6-year old and 8-year old for one hour and 11 minutes. Teachers deserve to make a billion dollars a year. Or a week.
— shonda rhimes (@shondarhimes) March 16, 2020
Пак да повториме, на Шонда ѝ се напорни нејзините две деца после саат време учење. Замислете како им е во главата на наставниците после 80 различни деца со различни интереси, прашања и потпрашања, фрлања со гуми и моливи, може ли во веце, тичр Зоки ме закача, итн.
Наставниците, чии и да биле поддржувачи, па и да не се ничии поддржувачи, се крајно демотивирани затоа што платите им се скоро па и навредливи за работата која ја работат, во земјава речиси и да нема училиште со постојано функционални принтери и фотокопири, тонер е апстрактна именка од родот „тендер“, интернетот нема ни да го дискутираме, го нема, не постои. На врв на тоа, секоја гарнитура се фали како искречиле пола школо во Центар и смениле 2 сијалици.
Повеќе пари во образованието, интензивни контроли на професионалната етика на наставниците, технолошката спремност, и најважно – намалена старосна граница.