Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Доналд Туск соопшти дека таа политичка групација до крајот на годината, од своите редови ќе ја исклучи партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во разговор за германски „Дер Шпигел“, Туск рече дека унгарскиот закон за вонредна состојба можеби не е спорен од правен апсект, но дека „нема никаква врска со духот на демократија“.
– Колку пати во историјата сме сведочеле дека политичари се користат со закони за да ги прошират своите овластувања? Во Германија тоа ви е познато, рече Туск за германскиот весник, пренсува Хина.
Европската унија упати критики до Унгарија поради авторитарниот одговор на пандемијата на корона вирусот. Парламентот во Будимпешта, каде мнозинство има Фидес, кон крајот на март изгласа закони кои на Владата ѝ даваат исклучителни овластувања. Со тие закони му се дава можност на Орбан да владее преку уредби без временско ограничување, а законот предвидува и високи затворски казни за сите лица за кои ќе се оцени дека го попречуваат спроведувањето на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот или шират лажни информации.
Туск не прецизираше кога ќе биде следната средба на ЕПП, но навести дека тоа би можело да се случи во септември. – А тогаш ќе биде време за носење одлуки, потенцираше Туск.