Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска соопшти дека во целост ги демантира наводите на мајката со четиримесечното бебе, која тврди дека лежат во болница и ниту еден доктор за тоа време не дошол да им ги каже резултатите од тестовите за Ковид-19.
Од Клиниката појаснуваат дека на мајката во повеќе наврати и е објаснета здравствената состојба на детето, како и потребата за земање два последователни бриса.
„Детето секој ден редовно се прегледува и најмалку три пати влегува дежурна лекарска служба. На мајката и се обезбедуваат сите расположливи услови, од бокал за греење на вода, козметика за бебето, снабдување со вода и други продукти кои ги добива Инфективната Клиника како донација. Детето е интензивно контролирано по препорака од педијатар и покрај добрата клиничка слика“, се наведува во соопштението на Клиниката.
Оттаму додаваат дека мајката и детето денеска нема да бидат испишани од болницата, не поради детето, чии брисеви се негативни и комплетирани, туку поради очекување на резултатот на брисот од мајката.
Управата на Инфективна клиника, како што соопштува, ги следи сите стандарди за професионално работење, и ќе покрене интерна постапка за разрешување на состојбата, со потенцирање дека се пратат сите протоколи за болничко лекување на пациентите кои лежат на клиниката.
И министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција изјави дека не се точни наводите, односно Фејсбук објавата на Александра Ангелова, мајката на четиримесечното бебе кое беше примено со Ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје.
„Демантирам дека третманот на 4-месечното бебе бил нехуман, треманот и визитата се одвивала секојдневно“, рече Филипче.
Инаку мајката на својот Фејсбук профил ги критикуваше персоналот и условите во болницата.
https://www.facebook.com/angelova.aleksandra/posts/10223723793749268
„Три дена да ти велат дека ќе земат брис од бебето, а не земаат. Гајле ви е дали има чиста облека или парно за доколку испереш нешто да се исуши. Да ти кажуваат спреми се, си одите, а за 15 минути да дојде друг да ти рече не си одите. Еден со друг не сте усогласени и зборувате за добро менаџирање. Две недели еден доктор ме преслуша и сега наеднаш здраво бебе ќе чека да си оди, бидејќи вам сега ви текна да ѝ земете крв на мајката, за која некои од докторите не знаеја ни дали е хоспитализирана. Со чии нерви си играте вие? Штом не можете на крај да излезете со стабилните пациенти, Господ нека им е на помош на критичните. Единствено големо браво за педијатарот, целосно посветена и одговорна. Сечие трпение и сечија истрајност има крај“, се наведува меѓу другото, во објавата на мајката.
И.Т. Зафировска