Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека Комисијата е подготвена да организира избори кога ќе биде потребно, но претходно, потенцира, треба да се утврди кога тие би се одржале.
Тој смета дека изборите треба да ги распише претседателот на Собранието Талат Џафери, но, оти претходно Уставниот суд треба да го поништи претходното решение за избори.
„Џафери треба да ги распише изборите, но, прво треба да се направи ситуација со која претходното решение ќе се стави вон сила. Мислам дека Уставниот суд треба да се произнесе за оваа ситуација и тој е единствено меродавен во оваа ситуација. Мое лично мислење е дека сите други постапки ќе не воведат во нови правни лавиринти кои ќе доведат до несакани пракси сега и во иднина“, вели Дерковски во разговор за ТВ Телма.
Тој додава дека за технички подготовки, кампања и ажурирање на Избирачкиот список, потребни се околу 50 дена. Измени, вели, треба да претрпи и Избирачкиот список, кој се уште не е затворен, бидејќи во меѓувреме настанале промени во него.
„Има починати лица, лица кои наполнија 18 години, лица кои примиле државјанство. Има доста промени кои треба да се внесат. И тој треба да им се даде повторно на увид на сите граѓани“, рече Дерковски.
Но, како што потенцира, за да почнат да се преземаат изборни активности, и да се утврдуваат рокови, најпрво треба да се одреди дамумот на изборите, за да може ДИК наназад од тој датум да ги предвиди сите дејства кои треба да се завршат.