Еврокомесарот Јоханес Хан најави буџет на ЕУ со јасно поголема моќ за следните три до четири години, со цел да се отстранат последиците од кризата со корона вирусот и да се преземат потребните инвестиции.
Досегашните предлози за следниот повеќегодишен буџет мора да се прилагодат за да се стабилизира Европа, рече Хан во изјавата за агенцијата АПА.
Шефовите на држави и влади во четвртокот ѝ наложија на Европската комисија да изготви прилагоден нацрт-буџет и план за финансирање на Фондот за обнова.
– Она со што ќе излеземе е предлог за модифициран буџет кој предвидува, особено во првите три до четири години, буџет со јасно поголем обем на инвестиции, најави Хан.
Европската комисија ќе го претстави својот предлог за новиот буџет најдоцна до средината на мај, по што ќе следат преговори со членките и со Европскиот парламент.