Оваа Влада е демократска и демократско е правото на секој да протестира, но сега човечки е да се побара солидарност и разбирање, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговараќи на прашањето за можноста за протест на транспортерите. Сугарески потенцира неколку аргументи кои треба да се размислат и да се имаат во предвид пред транспортерите да се одлучат на такво нешто. Тој нагласи дека сите се погодени од пандемијата и дека зголемувањето на акцизата на горивата не е желба на никого, ниту пркос или надменост што сака Владата да ја покаже, туку дека зголемувањето на акцизата на горивата е неопходност.
Друг аргумент на кој обрна внимание Сугарески, е тој што цената на горивата во нашата земја во изминатиот период никогаш не била олку ниска.
„Ако не беше пандемијата, тврдам дека сите ќе ја славеа оваа цена. Сегашната цена на нафтата е помала за 20 денари отколку што беше во декември, јануари или февруари и со зголемувањето на акцизата не може да стане збор за некaков голем потрес врз превозниците. Македонија има најниска цена на горивата во регионот, односно е во трите најниски цени во Европа. Никој нема помала акциза на горивата отколку што е тоа во нашата држава.“, истакна Сугарески.
Министерот нагласи дека Уредбата што ја донесе Владата е со механизам, што значи ако се врати цената на нафтата како пред корона кризата, Владата ќе ја укине оваа акциза. Уредбата за воведување акциза има и механизам за укинување. Во неа стои ако цената на нафтата се зголеми за 10 денари за еден денар ќе се намали акцизата, ако зголемувањето е за 20 денари за 2 денари ќе се намали акцизата и кога цените на нафтата ќе се вратат на старото ниво оваа акциза ќе биде укината, наведува Сугарески.
Тој истакна дека собраните дополнителни средства од зголемената акциза ќе се користат за граѓаните, исклучиво за санирање на штетите од корона кризата, за здравствените работници, за министерството за одбрана , за МВР и сите оние кои земаат активно учество во борбата со корона вирусот. Вирусот не препознава ниту етникуми, вери или политички определби, подвлече министерот Сугарески.
„До сега при донесувањето на сите законски решенија, а сега и владините уредби, секогаш биле во консултација со асоцијациите и здруженијата на превозниците и секогаш сме излегувале во пресрет. Не смееме да избегаме од солидарноста, а тоа значи сите да се откажеме од нешто и да понесеме дел од теретот сите заедно. Ова е антикризна мерка, а не мерка за да направиме терет врз граѓаните, туку напротив, оваа мерка е за да им се помогне на граѓаните.“, истакна Сугарески.
Непобитен е фактот дека со мерката за зголемувањето на акцизата на горивата нема никакво политиканство и калкуланство, туку тоа е исклучиво за да им се помогне на граѓаните погодени од корона кризата, подвлече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција во Владата.
Ј. Ѓорѓиоски