Бугарија се држи до формулацијата од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, во однос на признавањето на македонскиот јазик кој е наведен како „официјален јазик на Република Северна Македонија, согласно нејзиниот Устав“, изјави во интервју за ТВ Сител, бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој притоа потстети дека Договорот овозможил да почне да се зборува за присоединување на земјава кон Европската Унија, пренесе Нова ТВ.
„Ние сме државата која прва почна со Договорот за добрососедство што овозможи воопшто и да се зборува за присоединување на нашите мили браќа и сестри кон ЕУ. И второ, направивме апсолутно сè, за да ги помогнеме, нешто од кое тргна процесот со Грција, изјави Борисов.
На прашањето дали ќе ја блокира земјава пред првата меѓувладина конференција пред почетокот на преговорите, Борисов одговори дека комисиите за историски и образовни прашања треба да се состанат и максимално брзо да најдат заемноприфатливи формулации за личностите и настаните кои ги поврзуваат двете земји, при што го даде примерот со Цар Самоил.
„Поддршката за Северна Македонија била отсекогаш и таа е искажана многу пати. Тоа што треба да го направиме сега е историските комисии и оние кои се занимаваат со историјата да си ги завршат спорните теми. Ние и на последниот Совет зборувавме за максимална поддршка на Северна Македонија и Албанија. Сè е во рацете на Македонците“ рече Борисов, повторувајќи ја принципиелната поддршка на Бугарија за евроинтеграцијата на Северна Македонија“, рече Борисов.
Тој смета дека на Балканот има толку многу историја, за која, како што рече, „дури е повеќе“.