пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Не е крвав само 27 април, туку сите денови пред тој крвав четврток деценија и повеќе наназад.
Што беше 27 април 2017 година?
Беа тоа софистицирано разработени методи со добра припрема и логистика за креирање, насочување и злоупотреба на „чувства“ за остварување на никаква поинаква, туку исклучиво ендемско вмровска ниско партиска жед за власт. Тие внимателно одбрани разјарени битанги што ја манипулираат толпата пред Собрание беа хранети со омраза и потхранувани со дебели суми од тогаш режимот на власт со години пред тоа. Ги лажеше партиската вмровска врхушка дека ќе владеат сто години.
Каде е коренот на сето ова?
Таа манипулативна вмровска врхушка повеќе од цела деценија билдаше средновековен, не, билдаше смешна и лажна античка супериорност на еден етникум кој од вистинската страна гледано крај со крај врзуваше за гол живот, а не пак за некоја надмоќ и супериорност. Но, она што добро беше смислено од вмровската пропаганда под водство на Груевски, Протуѓер и багра, беше токму тоа – кога не можеме и да ги испокрадиме и да им дадеме економска и современа егзистенционална и во секој друг поглед перспектива, тогаш наједноставно е да ги храниме со пропаганда и да им билдаме наци-супериорност и антагонизам. Мораше да најдат некаков начин да го одвлечат вниманието од себе, од невидениот арамилук што го правеа и го најдоа рецептот што им обезбеди „две во едно“ – ем ќе ја ограбат државата и народот, ем ќе им направат привид на супериорност на тие чии џебови во меѓувреме ги испразнија. Претходно заедно со нивните пајташи коалициони партнери, без срам го покрија грабежот и „законски“ тргнаа во поход да ја разнебитат до крај државата за да ја испокрадат. Ништо друго нема посреди, само чист криминал и аждерски апетити за власт кој се надеваа дека пак ќе им обезбеди мандат да крадат. И крадеа и разнебитија до сè што се дофатија. Цели генерации израснаа со таква една расипничка власт. Стотици илјади граѓани избегаа, уште толку овие апетитлииве вмровски набркаа.
Но, пукна. Пукнаа бомбите. Народот слушна и се увери со каква всушност мафијашка власт си имавме 11 години работа и, излезе на улица.
Ги набркавме!
Како успеавме, од каде истрајноста да издржиме во борбата навистина не знам и си се чудам, но успеавме. После изборите 2016 година, никако не можеа да обезбедат мнозинство да формираат Влада. Кај бившите им пајташи сè уште се гледаше жалта за раскинатат врска и покрај тоа што љубовта и до ден денешен постои, но врската мораше да прекине.
Во таков еден очај раскринкани од сите страни, избезумени посегнаа по единственото што знаат – ќе прават инцидент, ќе ја нахушкаат баграта да влезе во Собрание и да мава. Го припремале тој упад абдалите мошне вешто, мора да им се признае тоа. Предигра им беа „ноќите на ножевите“ од несреќницата Божиновска, истапите за поддршка од потплатени интелектуалци, па дури и уметници излегоа со поддршка на таквата демагогија и на крај, со здраво платени медиуми и тешка пропагандна куртонска машинерија, или со сè до што можеле да се дочепаат а било подложно на корупција и манипулација, удрија силно со ќотек во законодавниот дом.
Сето тоа така спакувано со поддршка на полициски сили кои им беа под контрола на Митко Чавков, со активирани полу и тотално криминални поединци и сè тоа добро подмачкано и платено со пари и ветувања, сочинуваше една криминална банда организирана од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ спремна на сè, па и на посегнување по живото на пратениците и новинарите присутни во Собранието
Така, испендерени на бина три-четворица угурсузи скриени зад некоја божем патриотска иницијатива, името навистина не сакам да им го запамтам, а диктирани од врхушката на ДПМНЕ, со денови подгреваа атмосфера за да на тој несреќен 27 април атмосферата кулминира со насилство. Што им било ветувано, дали биле заведени и тие самите, навистина ама ич не ме интересира. Од она што после тоа може да се види е дека угурсузите сè биле, само заведен и манипулирани не биле.
Координирани од внатре и од надвор, влегоа во Собранието да тепаат пратеници и новинари. Сите знаевме на што е спремно ВМРО-ДПМНЕ на Груевски за да не ја даде власта, но навистина ретко кој мислеше дека се спремни и крвнички да тепаат пратеници, политичари и новинари само за да останат на власт.
И, бидна.
Тепаа.
Онаа несреќа Мукоски ги отвори вратите по наредба и влезе толпата внатре. Теледиригираните гавази на Чавков скриени со црни качулки вешто ги спроведуваа одбраните насилници до просториите каде што беа пратениците кои беа цел на ујдурма која се спремаше да започне и заврши крваво. Тие другите од баграта која беше искористена како топовско месо урлаа во главната собраниска сала. Од снимките на храбрите новинари кои беа затекнати во ова сценарио, се гледаа потресни сцени од кои им се превртува во стомакот на сите нормални. Гледавме како фрчат секакви предмети во насока на Заев и тие околу него. Слушавме смртни закани, гледавме како тече крв од лицата на пратениците и некои членови од обезбедувањето кои решија да го стават својот живот за да заштитат друг. Целта им беше Заев кој крвареше, тоа јасно се гледаше, но беа настрвени на сите што беа позади него. Едно одвратно старче со сталакт ја удри по глава пратеничката Шекеринска, потоа ја тргаше за коса и ја струполи на земја. Пратеникот Села го начекаа во тесно му се намерчија и го тепаа, за да го убијат. Во галеријата погоре го тепаа Пајо, кој се чинеше дека брани новинарки и други колеги. Пратенички и новинарки беа спуштани од раце на раце за да успеат неко да извлечат жива глава, други беа криени во помошни простории. Беше општ хаос а ние за сето тоа сведочевме преку ретките снимки од новинарските екипи. Голем дел од полицијата влезена внатре не реагираше. Имаше еден полицаец што си ги потпевнуваше слоганите на баграта и се поздравуваше со нив. Имаше друг полициски специјалец што им викаше:
– Вие не сте луѓе, вие не сте луѓе… Но такви како него беа малку и никако не можеа да ја средат разулавената толпа.
И тоа траеше многу долго, крв имаше на сите страни. Беше грозно да се гледа, а камоли да си присутен таму. По еден час-два, специјалната полиција успеа да ги ослободи пратениците. Се кажа дека и пратеникот Села е сепак жив.
Не, нема да постирам ни снимка ни фотки, за да ве потсетам. Ако не се сеќавате, или ако не сакате да се сеќавате на тие сцени, тоа е ваш избор.
Јас бирам да се сеќавам.
Се сеќавам како тоа го гледав на телевизија, а бев на роденден кај мојата внука која тогаш полнеше 6 години. Клечев пред телевизорот и гледав како ми тепаат другари, гледав како малтретираат новинари дури внуката се вртеше околу мене покажувајќи ми ги поклоните кои ги добила само да ми обрни внимание дека 27 ми е нејзин ден роденден.
Тетин, па мене ми е роденден, ми рече гледајќи ме право во очи.
Ѝ го украдов роденденот. Не знам како е можно да ѝ го вратам тоа некогаш?!
Денеска, еден ден и три години после тоа сакав да се потсетам колку родендени и радости ни украдоа силниците арамиски кои го организираа тој крвав четврток. Сакав да се потсетам на деценијата која ни ја украдоа, но и на наследството што ни го оставија од тоа децениско систематско девастирање на институциите и државата.
Читам и вчера и денес се подбиваат со соганот што го носевме порано на прсти изброените луѓе „Нема правда нема мир“. Има и од тие изброените кои се револтирани, револтиран сум и јас. Револтиран сум што ги амнестираа водоносците, режисерите, певалците. Револтиран сум што од раце им побегна нарачателот и осуден криминалец, револтиран сум што и оној што ја отвори вратата угурсузот дека мораше да се амнестира. Револтиран сум што главната карика од полицискиот синџир и сега се башари во неговиот луксузен хотел спечален со мафијашки крвави пари. Револтиран сум, ако веќе сакате, на Заев кој крвареше, и на кој еден копук на сред Скопје качен на кола му ја пцуеше ќерката на истиот ден после три години и само на 100 метри од местото каде што го тепаа.
Тој, вчерашниот копук сакаше да нè потсети да не забораваме дека носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица ќе им е певацот што директно ја хушкаше баграта да влезе во Собранието и да тепа. Тој, копукот што вчера го пцуеше Заев на цел глас сред Скопје, сакаше да нè потсети кои се носители на листи. Tој, копукот сакаше да нè потсети на тоа кој е сега претседател на хушкачката партија и како претседателот на ДПМНЕ и сите од врхушката околу него со ни еден збор до сега не се оградија од тој крвав 27 април, туку напротив триумфално го величат. Тој, копукот сакаше да нè потсети кој е сега министер за внатрешни работи, од каде ја црпи силата и „храброста“ да пцуе се живо по тие кои беа тепани на сам ден пред три години и што може да се очекува од „реформираната“ му матична партија.
Седнете така револтирани како што сме сите на тој крвав 27 април 2017 година и сè што се случуваше после тоа, отворете ги сите карти, да и оние скриените адути извадете ги од ракав, погледнете назад каде бевме и каде сме сега и запрашајте се – Има ли ден после тој мајчин крвав 27 април за нас или ќе се вратиме на деновите пред тоа?