Оваа година Светскиот ден за безбедност и здравје на работа на Меѓународната организација на трудот како агенција на Обединетите нации, го одбележуваме во услови на големиот предизвик со кој се соочуваат работниците, работодавачите, владите и општествата низ целиот свет во борбата против корона вирусот.
Здравјето на сите наши граѓани, вклучително и здравствената безбедност на нивните работни места беше во врвот на приоритетите во стратегијата за справување со здравствено-економската криза со коронавирусот.
Апелирам и на овој ден, многу е важно да се обезбедат сите услови за безбедна работа. Работодавачите да ги прифатат и спроведат сите мерки за безбедни работни места, а работниците да се грижат за личната заштита, за да се заштитат себеси и своите колеги.
Оваа година здравствените работници се посебно во фокусот на Светскиот ден за безбедност и здравје на работа и затоа да им оддадеме признание за нивната самопрегорна работа. Да се заштитиме и да ги заштитиме, да им помогнеме, да ги создадеме сите неопходни услови во безбедна средина да ја извршуваат нивната благородна професија.