По тричасовна дискусија, заврши средбата на лидерите на политичките партии кај претседателот Стево Пендаровски, на која присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери, на која главна тема беше терминот за парламентарните избори. Се очекува за време на изјавите кои се во тек лидерите да го соопштат исходот од средбата.
Поради запазување на мерките за превенција од корона вирусот, средбата се одржа на отворено, на балкон од Вилата Водно. Сите учесници на средбата се со маски и седат на растојание еден од друг.
На средбата присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА.
На лидерската средба, главната тема е терминот на одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани на 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ширењето на корона вирусот.
Од лидерите, исто така, се очекуваше да зборуваат и за евентуално продолжување на вонредната состојба, за состојбата со корона вирусот во земјата и препораките на здравствените органи, како би се спровеле кампањата и гласањето, а да се заштитат граѓаните.