Попладнево, пет објекти изгореа во тетовското село Вејце во пожар, а за две лица интервенирала и брзата помош, бидејќи се задушувале од густиот чад. Едно лице е задржано во тетовската болница за понатамошно лекување, се вели во текст на 360 Степени.
Пожарот почнал во една од плевните во тешко пристапното шарпланинско село, но заради силниот ветер брзо се проширил и кон соседните објекти, со што биле зафатени уште три плевни и две семејни куќи. Интервенирале осум пожарникари-спасители од Тетово со три противпожарни возила.
Пет објекти беа во пламен кога пристигнавме, дури и природата не беше на наша страна, дуваше силен ветер. Но, направивме натчовечки напори за да го ставиме пожарот под контрола, а сега е веќе целосно изгаснат. Среќа во оваа несреќа е што немаме човечки жртви, но материјалната штета е огромна, вели за 360 Степени, Ука Алити, командир на противпожарната бригада во Тетово.
Алити додaл и дека со добра стратегија успеале за релативно брзо време да стигнат до опожарените објекти, кои биле тешко достапни.