Во денешната втора вонредна крводарителска акција организирана од Општинскиот Црвен крст во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и со поддршка од Општина Велес и Народниот музеј, собрани се 63 крвни единици, исто колку и на првата вонредна акција одржана на 15 април, информираат од МИА.
Орце Николов секретар на Општинскиот Црвен крст информира дека и на оваа Втора вонредна крводарителската акција се применувале сите стандарди и процедури за безбедност согласно состојбата во која се наоѓаме.
-Велешките крводарители со денешниот одличен биланс како и многу пати ја искажаа својата хуманост на дело и потврдија дека заслужено се на првото место по бројот на крводарувања во земјава во 2019 и 2018 како и низа години претходно, потенцира Николов.
Собраните крвни единици ќе бидат однесени во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, а оттаму ќе бидат распределени за потребите на пациентите за клиниките во Скопје и болниците во земјава.
Инаку, втората вонредна крводарителска акција во Велес како и првата се одржа поради вонредната состојба во земјава која предизвика многу мало ниво на залихи од крвни единици во сите станици за трансфузиологија во земјава.