Во емисијата „10 минути“ на ТВ21, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев изјави дека во тек е истрагата за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Чулев додаде дека се извршени интервјуа со вработените во теретаната, а одземени се и хард дисковите од безбедносните камери кои сега се вештачат. „Отсјајот“ со кој неодамна го правдаше шефот на ВМРО-ДПМНЕ во ТВ 24 мистериозно исчезна од неговиот јавен настап.
„При крај е вештачењето на материјалот и се надеваме дека во текот на наредните неколку денови ќе имаме чиста ситација, објективна, фактичка ситуација со цел министерот за внатрешни работи да ја каже вистината за овој случај.“, изјави Чулев за ТВ21.
Инаку, ЦИВИЛ Медиа во неколку наврати постави прашања до Чулев поврзани со овој случај, а за изненадување, на денешната прес конференција тој барем ги спомена, иако ги скрати и избегна да даде конкретен одговор.
На прашања меѓу кои и прашањата кој ќе одговара за случајот „Мицкоски и теретана“, дали обезбедувањето носело ракавици или сѐ уште е на ставот дека станува збор за отсјај и дали Чулев оправдува партиски лидер да се јавува кај полициски функционери и да врши притисок за предмет за кој има истрага, Чулев одговори описно дека на сите актуелни случаи МВР работи одговорно и транспарентно ја известува јавноста.
Останува да се види дали министерот по завршување на истрагата ќе даде конкретни одговори на овие прашања.
Б. Ј.