Исправени сме пред два избора – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на мерките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
– Само заедно можеме да ја надминеме оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање, додава Филипче во објавата, проследена со видео порака.
Филипче оцени дека почнува да се враќа животот во нормала и почнуваат да се отвораат бизнсите, се враќа слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите.
– Се отвораме како што тоа го прават сите земји околу нас и во светот. Сега сме исправени пред два избора. Да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на мерките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки, изјави Филипче.
Тој потенцира дека анализите на епидемиолозите потврдиле оти состојбата е стабилна, а досегашната стратегија даде резултат.
– Недозволиво е оние кои ги почитуваат мерките да бидат во ризик од оние коишто тоа не го прават. Апелирам и до надлежните институции, сите прекршувања кои го загрозуваат јавното здравје мора да се санкционираат. Сакам на сите да им биде јасно, со заштита на сопственото здравје ги штитите сите околу вас, спасувате животи на вашите блиски, на вашите сограѓани и им помагате на здравствените работници. Ова е наша заедничка борба. Само заедно можеме да ја надминеме оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни и помудри и ќе разбереме колку се важни граѓанската солидарност, поддршката на институциите и меѓусебното помагање, посочи Филипче.