Без оглед на тоа кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори, ЦИВИЛ и набљудувачите треба да бидат подготвени. Затоа, ЦИВИЛ ги повикува своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи. Од постојната структура (180) се откажаа 4 лица, но Организацијата обезбеди уште 60 места за краткорочни набљудувачи, така што во моментов има 64 слободни места за краткорочни набљудувачи.
Учеството во мониторингот, како и во други активности и семинари на ЦИВИЛ, претставува и можност за подолгорочна соработка во различни проекти и активности. Повикот е отворен до 15 јуни.
Предност во процесот на избор за набљудувачи, како и секогаш, имаат членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ, поранешни набљудувачи, како и оние што учествувале на семинарите за граѓанско новинарство.
Од тимовите за мониторинг на овие избори, на најуспешните двајца ќе им биде понуден ангажман во сферата на мониторингот и промоцијата на проектот „Европа е наш дом“ до крајот на јануари 2021 година.
Набљудувачите на ЦИВИЛ, како и сите заинтересирани граѓанки и граѓани, секогаш имаат можност да станат дел од проектите на ЦИВИЛ, особено проектот „Граѓански објектив“.
Мониторингот на ЦИВИЛ подразбира мобилност, посветеност и непристрасност. Краткорочните набљудувачи се активни во текот на изборниот молк, на денот на гласањето и еден ден по гласањето.
Функционери и активисти на политички партии немаат право на учество на овој повик. Не е дозволено да се биде набљудувач на две организации истовремено.
Од организацијата напоменуваат дека во тек е контактирањето со сите кандидати за учество во мониторингот на ЦИВИЛ, така што, ако еднаш аплицирале, заинтересираните нема потреба повторно да аплицираат. Сите апликанти ќе бидат контактирани најдоцна до вторник, 2 јуни. Доколку има промени во контактите на заинтересираните (промена на телефонски број, адреса и сл.), прашања или други информации, Координативниот тим на ЦИВИЛ е на располагање секој работен ден, од 9 до 17 часот.