Група граѓани со знамиња, чадори, маски и транспаренти со симболот на Ѕвездата(Сонце) од Кутлеш денеска пред Владата одржаа протест против владините мерки за спречување на коронавирусот, 5Г и вакцините. Од МВР потврдија дека има приведено едно лице, а за седуммина се преземени мерки за непочитување на уредбата и мерките за јавен собир и групирање и ќе им бидат поднесени пријави, пренесува 360 степени.
Ковид-19, според дел од демонстрантите е обичен грип за кој нема потреба од вакцина, ниту потреба од заштита со маски и ракавици.
Иако не веруваат во методите за заштита од короната, насобраните луѓе сепак носеа маски и дел од нив држеа дистанца со образложение дека не сакаат да плаќаат казни.
„Сите овие глупости што се шират за да има епидемија на една територија треба да има 15% заболени. И по некои дефиниции 5-10% починати. Кај нас нема. И во исто време се поставуваат и 5г мрежи навечер во недела без маски во полициски час и за нив нели нема пандемија. Или оние што го прават тоа имаат посебен имунитет од отровната вакцина Бил Гејтс?“, изјавил еден од демонстрантите за 360 степени.
Демонстрантите пред Владата зборувале и против задолжувањата, економските политики што ги спроведува Владата, изборите, како и за промената на името на државата. Изјавиле дека спонтано се собрале преку социјалните мрежи.