Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема” на Телма телевизија изјави дека денеска биле регистрирани нови случаи на заболени од ковид-19 речиси во сите скопски општини и затоа е предложена целосна изолација за градот Скопје. Не е возможно градот Скопје да се изолира парцијално, затоа се одлучивме да одиме со целосна изолација на Скопје, а за другите градови предложивме полициски час од 16 часот до 5 часот изутрина, рече Зибери.
„Чаир е најголемото жариште во моментов и има најголем број на новозаразени. Но, и другите општини се под ризик. За споредба, во најголемиот пик во април во Сарај немавме ниту еден заразен, па имавме после еден период од две до три недели каде во Сарај се зголемуваше бројот на новозаразени, но тие беа локализирани во неколку села, во неколку семејства. Во текот на последнава недела гледаме дека во Сарај се стабилизира состојбата. Студеничани е проблем во моментот, исто така и Арачиново, а и во Центар се регистрирани нови случаи, односно во сите скопски општини имаме нови случаи и затоа донесовме одлука дека не можеме да ги изолираме одделно скопските општини”, објасни Зибери.