„Наполнете батерии во овој период на принудна изолација. Изгледајте некој добар филм, јас од срце ќе ви го препорачам документарецот за Мајкл Џордан – The Last Dance. Деновиве ако најдам време ќе напишам и еден статус за него. Навистина ме инспирираше и ме потсети на некои важни работи. Фантастичен филм во 10 дела, погледнете го, нема да зажалите.“- предложи Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ во своето видео обраќање на социјалните мрежи.
Загрижен дека одново има полициски час и карантински мерки тој изрази оптимизам дека граѓаните сепак ќе покажат висока свест за ризокот од корона вирусот и дека успехот ќе биде заеднички.
„И од понеделник, ве молам да бидеме сите посвесни за она што се случува. Малку недостига за успех, но уште помалку за разочарување. Ајде да не се разочаруваме сами од себе. Ајде да се гордееме на себе. Внимавајте на своето и туѓото здравје и останете здрави.“- посака Николовски.
Овие ведри пораки беа дел од неговото обраќање посветено на новиот полициски час, односно на неодговорното однесување на поединци, вклучително и Христијан Мицкоски кој наместо да биде конструктивен и да и помогне на државата во напредокот и успесите, тој покажува елементарна неодговорност.
„Со членството во НАТО сме во ситуација каде не треба да се грижиме за својата држава. Тоа е благодет која како Македонци сме ја немале никогаш во историјата. Конечно сме безбедни да ја растеме државата и да ја јакнеме економски. И најважно од се – младите да останат тука, а нашите блиски низ светот да се вратат во своите домови. Следат и претпристапни преговори со ЕУ, ќе ни се отворат врати што секогаш за нас биле затворени во минатото. И наместо да одиме напред сложно, ние имаме лидер на опозиција кому кафеаните и теретаните му се поважни од здравјето на граѓаните.“- заклучи Николовски.
Тој потсети на случајот со седењето на Мицкоски во кафана во дел забранет за гости и дека на тој начин го загрозува здравјето на луѓето. Патем повика законите да важат за сите еднакво.