Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во пост на Фејсбук се огласи за ставот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети во кој вели дека „време е за албанец премиер!“ по повод 18-тиот роденден на неговата партија.
Во постот на Фејсбук, Ахмети вели „18 години заедно поминавме многу предизвици за да постигнеме целосна рамноправност, да бидеме членка на НАТО и да се интегрираме целосно во ЕУ. За да го подигнеме квалитетот на живот со што ќе обезбедиме подобра иднина за нашите млади и за сите нас“, јавува репортерот на ТВ21.
Изјавата на Ахмети брзо стана мета на реакции и негодување по социјалните мрежи, по што претседателот на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук пиша:
Во нашата земја мандатар за претседател на Влада може да биде секој граѓанин кој ќе обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник. Според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат.
Точно е дека граѓаните во нашето општество сѐ повеќе ги надминуваат етничките бариери, но поважно од тоа е дека при изборот тие се водат пред сѐ од квалитетите на кандидатот и посебно од неговиот однос кон граѓаните, од неговата општествена посветеност за добробит на сите граѓани и државата, како и личниот пример што како впечаток кандидатот го остава пред граѓаните.
Доколу СДСМ победи на изборите, јас сум кандидатот за претседател на Влада и ќе бидам премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав низ сите мои политики изминативе години. Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, стои во напишаното.