Родилка која криела дека сопруг и е позитивен на коронавирус во Болницата во Чаир, вчера со Брза помош била однесена на Клиниката за гинекологија. Таа во епидемиолошката анкета премолчала дека сопругот има Ковид, а кога во болницата дознале веднаш била испатена на ГАК каде има Ковид центар, пренесе ТВ Нова.
Кога и бил направен тест и таа се покажала позитивна на коронавирусот. Таа е една од двете родилки кои вчера биле примени на ГАК, а се позитивни на вирусот.
Директорот Башким Исмаили за НОВА тврди дека родилките лажат, не ја кажуваат вистината во епидемиолошките анкети каде што го ставаат својот потпис.
„Родилката во епидемилошката анкета излажа, таа криеше дека сопругот и е позитивен. Ние сами дознавме дека сопругот кој се јавуваше по телефон да ургира за неа, бил позитивен на вирусот и веднаш со возило на Брза помош ја префрливме на ГАК. Родилките не се искрени во епидемиолошките анкети каде што го ставаат својот потпис. Ние имаме проблем, веќе имаме 14 вработени во изолација“, изјави за НОВА, директорот Исмаили.
На Клиниката за Гинекологија го потврдија овој случај. Тестот покажал дека и таа е заразена со коронавирус, како и тоа дека заедно со уште една родилка позитивна на Ковид-19 која била примена вчера, се наоѓа во изолираниот оддел.
Во саботата на ГАК била примена родилка, која се претставила како лекарка(родена е 1992 година) без да каже дека нејзиниот свекор со кого живеат во иста куќа е позитивен на Ковид. Таа била сместена со уште две родилки во болничката соба. Кога по приватна линија лекарите дознале дека во семејството има позитивен, веднаш била префрлена во изолираниот дел. Но, лекарката, родилка не дозволила да и с е земе брис за тестирање и револтирана самоволно ја напуштила клиниката и заминала во „Ремедика“ каде што се породила.
„Родилката не кажала дека има позитивен во семејството, а била примена без симптоми. Кога еден од колегите дознал дека во семејство има позитивен на Ковид-19, ја симнале во оддел за изолација, од каде што заминала со изјава дека ја напушта клиниката на свој ризик и отишла да се породи во „Ремедика“. Ги чекаме епидемиолошките прашалници и досега три сестри се во изолација, со 15 вработени од претходен случај кои се веќе во изолација, имаме 18 вработени кои се во самоизолација“, изјави Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија.
Родилката се породила во „ Ремедика“ со царски рез и кога било констатирано дека има коронавирус била испратена на Инфективната клиника. Седум вработени од медицинскиот персонал во „Ремедика“ биле ставени во самоизолација.
Двете жени кои биле со неа во болничката соба на ГАК ќе бидат тестирани следната недела, потврди Јованоска.
Во Лекарската комора не можат да ја пронајдат лекарката која тврдела дека студирала на УКИМ, ја нема во регистарот на лекари. Се сомневаат дека таа уште нема положено државен испит бидејќи до завршување на испитите има уште половина година стаж, пред да се пријават за полагање на државен испит. Во податоците за место на живеење кажала дека живее во Нерези, а по лична карта била заведена во Центар.
Цел текст тука.