Моите другари од Wonderland Theatre вчера изградија арка за спас на театарот во услови кога тој во својата првобитна форма е невозможно да се одржува.
Сите ние театарски дејци имаме одбивност нашата жива уметност да ја трансформираме, плашејќи се да не испари есенцијата ако се пренесе на поинаков простор и начин, но исто така имаме и одговорност како уметници да понудиме решение за новата нормалност. Малкумина од нас го направија, прават и ќе го направат тоа, што од страв од непознатото, што од летаргија. И затоа, оние што посегнаа кон непознатото, имаат апсолутно право да се чувствуваат професионално супериорни.
Малку треба колеги, само страст кон работата. Тоа е клучно. Страста чуда прави.
„Илузии” како еден од најдобрите текстови на Новата драма, совршено се залепил на ваков формат. Односите меѓу ликовите во драмата, од страна на актерите умешно искреирани без да се почувствува недостатокот од директен контакт со парнерот, не сметаше ни тоа што своите домови и лични реквизити беа дел од сценографијата, напротив, претставуваа креативно решение истакнувајќи ја театарската имагинација. Монтажата на оваа виртуелна претстава ни го пополни физичкиот недостаток од сценскиот простор и мизансцен. Слоевита, во неколку плана, главно дејствие и паралелно надополнување кое прави целина во овој чуден и несекојдневен сценски простор. Музика, суптилна и репетитивна, која ја поддржува и одржува илузијата.
Да, страста прави чуда. Само треба да ти е важно. На нив им е!
И треба да ни на сите!
Дали можеме да го одржиме театарот во ваква форма додека повторно не му ја почувствуваме телесноста и живоста? Да, апсолутно!
Фала ви за ова другари!
п.с. Кога медиумите и колегите на објава на годишна програма ќе се дрзнат да критикуваат што „семејството Витошевиќ- Христов” имале по неколку проекти, преиспитајте се дали воопшто имате кредибилитет да обвинувате и сетете се дека додека сите останати чекале некој да им каже кога да почнат да работат, Нела и Вуси создаваат во било какви услови зашто ретко кој ја има нивната страст и пожртвуваност во работата.
пишува: САЊА АРСОВСКА
Целата претстава „Илузии“ може да ја погледнете тука: