Демократска Унија за Интеграција продолжува со сложувалката наречена „прв премиер албанец”. По обраќањето на лидерот на партијата Али Ахмети, кој го опиша премиерот, но не откри име на кандидат за мандатар, шефот на неговиот кабинет, Артан Груби, денеска откри нов детал од „сонот” на Ахмети.
Во негов пост на Фејсбук, Груби објави слика од Зоран Заев и Христијан Мицкоски, а меѓу нив само контури на човек, кој според косата изгледа дека станува збор за жена. Со овој детал станува јасно дека Ахмети сонува да успее во две новости во политичката сцена во земјава.
Прво да добиеме прв премиер албанец, и второ тој да биде всушност и прва жена премиерка. Исто како Ахмети, ни Груби не открил име на кандидатот за премиер од ДУИ. Но, споредувајќи ја сликата објавена од Груби, со сите жени функционерки на ДУИ, имајќи ја предвид и нивната положба во партијата, описот повеќе води кон Теута Арифи.
Кратка виткана коса е најчеста фризура на градоначалничката на Тетово, истовремено и потпредседателка на партијата. Други функционерки на оваа партија или имаат различна фризура или имаат помали шанси за толку висока функција.
Арбен Зеќири





