Бидејќи сме на чекор до избори, минатата недела за мислење прашавме неколку минувачи низ центарот на Скопје. Оваа недела повторно направивме анкета во која граѓаните го изнесоа своето мислење за потребата од предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули.
Како се приближува датумот, како што може да се види и од анкетата, сè повеќе граѓани се согласуваат дека е време за избори.
„Да, треба да има избори, и би излегол на гласање“ одговори кратко еден од анкетираните граѓани.
„Избори треба да има затоа што државата треба да функционира, да има некој кој ја контролира власта, извршната власт, бидејќи сега извршната власт преку техничката влада е и парламент, и влада. Така што никој нема контрола врз нејзиното работење“ образложи накратко друг граѓанин.
„Јас сум гласала за двете партии, и за ВМРО порано, и за СДСМ, но некако не сум задоволна ни од едните ни од другите. Јас мислам дека е рано за избори. Би излегла да гласам, но сè уште не сум се определила за кого да излезам да гласам“ одговори една од анкетираните граѓанки.
„Да, мислам дека треба да има и би излегол, да“ одговори кратко еден од анкетираните.
„Па нормално би требало да има, зошто да нема избори? Ќе излеземе на гласање во секој случај, но дали треба во овој момент да биде, кога носиме маски сите.. Но да, треба да има избори“ образложи еден од анкетираните граѓани.
Искра Ежова
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети