Повеќе од 300 ковид позитивни пациенти во државава завршија во болница. Поради речиси исполнетите капациетати во ГОБ 8 Септември монтажната болница и Инфективна клиника, комисијата за заразни болести реши Детската болница во Козле во Скопје по потреба ќе стане ковид – центар. Во оваа болница на располагање има 70 легла и интернистички и инфективни тимови.
Нови 60 за возрасни и 15 за деца кои се заразиле со вирусот, а треба да одат на болничко лекување ќе се препраќаат таму.
Болницата станува КОВИД 2 центар. На помош ќе дојдат и лекари и сестри од Инфективна и од внатрешноста.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа се примени 9 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 101 пациент. На кислородна поддршка се 46 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.
Во „8 Септември“ примени се 20 нови, а вкупно хоспитализирани 133 пациенти. На респираторна машина се петмина. Во болницата во Битола се хоспитализирани 35 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани уште 76 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.