Сите дојрански хотели, приватни сместувачки капацитети и угостители генерално се подготвени од утре да ги отворат вратите за гостите кои ќе пројават интерес годишниот одмор да го поминат на брегот на Дојранското Езеро.
Веднаш по најавата на владата за рестарт на хотелите, почнале и гостите да се распрашуваат за резервации, и покрај тоа што хотелиерите велат дека тоа не е тоа што се очекува и дека пандемијата од Ковид-19 негативно ќе се одрази врз очекуваниот ефект.
Општата оценка е дека Дојран во јули ќе има „ваучерски туризам“ затоа што најмногу за условите за летување се распрашувале гости кои ќе употребуваат туристички ваучери и дека секогаш главната сезона, или шпицот, бил во август и првата половина на септември.