пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Ова не е цинизам!
Ова е терминална фаза на лудоста.
Убиецот прашува до каде е случајот со новинарот што го убил!
Се разбира, јас не мислам дека Мицковски, кој го поставува прашањето: До каде е случајот со Младенов, е непосреден извршител на тоа злодело, атентаторот кој бил задолжен да го свие лесниот свиок на влезот во Скопје толку многу што ни Луис Хамилтон да не може да не излета од патеката или да го забрза возилото на Младенов или да го заспие со некој прашок што половина час претходно му го сипал во чашата во ресторанот на Езерото „Младост“, што год, само да се произведат сили што сопственикот на „Фокус“ ќе го испратат во вечните ловишта во благото долче под банкината…
Не, но ги имам сите основи да тврдам дека тој како и другите видни членови на злосторничката инсталација, е објективно одговорен за смртта на Младенов, бидејќи тоа е злодело што е родено во смртоносните идејни и оперативни лаборатории на партијата и на државата која во времето на атентатот се поистоветуваше со партијата.
А тој не мрдна со малиот прст.
Ниту пред смртта, ниту по неа.
Тоа е како Мицковски да праша: До каде е случајот со запалениот џип на Тричковски!?
Се разбира, јас ја знам разликата меѓу „Ренџ Роверот“ и Никола Младенов, но принципот на реализацијата на вмро-дпмне низ јавно, просто и грубо зло, и во двата случаи, е ист, а поставувањето на прашањата за судбината на тие случаи од страна на висок претставник на тогашниот режим и сегашен кандидат за премиер на истата злосторничка партија, се извори на највисоката можна одвратност што еден нормален или колку-толку нормален човек, може да ја доживее.
Тоа е врв.
Тоа е како Освалд да стане од мртвите и да праша до каде е случајот со атентатот врз Кенеди, или Амир Ата да праша до каде е случајот со кулите близначки, Черноземски да праша до каде е случајот со убиството на кралот Александар. Престолонаследникот Саламан да праша до каде е случајот со новинарот Кашоги.
Тоа е блесава, всушност ултраболна, тактика во која, во недостиг на други шанси и понуди, сопствените зла му се припишуваат на противникот на кого ситуацијата му се отежнува со криминалното самозаштитничко правно наследство што злосторникот го оставил зад себе, со ограничената моќ на противникот тоа наследство да го менува поради односот на силите во парламентот и, конечно, со обвинувањата дека е неспособен да ги открие злосторниците и да ги испрати в затвор овие што прашуваат до каде се случаите.
Неверојатно!
Просто нестварно!
Можеби ќе дочекаме Мицко да праша до каде е случајот со Диво Насеље или со Смилковско Езеро. Можеби ќе нѐ праша до каде е случајот со насилниот упад во Собранието. Случајот со обидот за државен удар. Крвав.
Тие волшебни злосторства, смислени и реализирани во генералштабот на злото, односно во владата и во партијата на Груевски.
Можеби Мицко ќе праша: До каде е случајот со бегството на Груевски?
И тука за прв пат ќе има некаков резон кој нема да е сосема во судир со здраворазумноста.
Сите зла, тоа добро го знаеме, сеќавањата ни се пресни, беа проследени со епски напори да се заташкаат, сите институции беа задолжени да ја експлоатираат жртвата, а не да ги откријат злосторниците. Така беше и со убиството на Младенов. Се сеќавате, не, на парадата на обвинители, портпароли, министри, судии, кој сѐ не беше вклучен во чирибучириба претставата која требаше да го ослободи режимот од одговорноста.
Наеба Кежаровски, обаче, сите знаеја кој го уби Младенов.
На Мицковски му одговорив во еден статус: Случајот е завршен, го утепавте!
Последната надеж на опозицијата е да произведе преголеми количества глупост, инфантилност, кои, се надеваат, како силен ветер ќе произведат пукање на сајлите и носачите на мостот на здравиот разум во Северна Македонија. Последното прибежиште на вмровското зло е кретенството.
На целата нација.
Груевски го правеше тоа во фазата на возлет и нацијата тоа лесно, дури би рекол со радост, прифати да побудалува, Мицко го прави истото во фазата на пад на идејата и на мисијата за растурање на Македонија и тој момент ја прави неговата мисија кретенска.
Скопските циници кои мислат да му се одмаздат на сдсм за нешто, нема врска за што, со основа или без основа, нема везе, така што на власт ќе го доведат оваа чудовиште, прво, ја доведуваат во прашање единствената шанса на државата и на луѓето да се ослободат без војна, без жртви, просто со пуштање на гласачкото ливче во кутијата, второ, на тој начин тие не го отвораат само просторот за страдање на државата и на нацијата, туку и на сопственото страдање, во тоа немам никакви сомневања, можеби веќе на 16 јули ќе бидат мобилизирани во некое ново диво или питомо насеље и, трето, нивната парада на критизерство, злоба, завист, нивната неспособност да се разликува големата тема на времето од ситните дупки на секојдневието, ми изгледа како гест на патниците кои решиле на 10.000 метри надморска височина да го убијат пилотот затоа што им се чинело дека авионот многу се тресе за цената што ја платиле за картите. Нивниот, а и нашиот проблем, е во тоа што нивната идеја за дисидентството, за „модерната“ опција да бидеш против, антиваксер, да речеме, или антивласт, во вакви мали, неконсолидирани ентитети каква што е Македонија, се опасни препичителности.
Особено кога тоа ги води сите во челуста на чистото зло.
Кое ја оневозможува реалната плурализација и демократизација во Македонија.
Докажано.
Размислете за тоа.
Имате уште 16 дена.