Европската Комисија (ЕК) денеска ги предаде преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија до Советот на ЕУ (земјите членки на ЕУ), а содржината на рамките нема да се објави додека Советот не ги усвои.
Во преговарачката рамка се утврдени упатствата и принципите за пристапните преговори на земјава со Унијата.
„Денеска се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Македонија кон Европската Унија. Исполнувајќи ја нашата обврска, претставуваме конкретни рамки за спроведување на пристапните преговори. Нашите предлози се засноваат на ревидираната методологија за проширување што ја претставивме во февруари за да го направиме пристапниот процес поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив. Со нетрпение ги очекувам дискусиите со земјите-членки и што поскоро одржување на првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно припаѓа во Европската Унија и убеден сум дека ќе продолжат да ги спроведуваат реформите на нивниот европски пат како што тоа го правеа досега “, се наведува во објавата на Твитер на еврокомесарот Вархеји.