Кујна со најсовремени стандарди, најмодерна во регионот на Западен Балкан, која дневно подготвува 10.000 оброци и чиј таргет се странски компании. Ова е проектот што изминатите две години го реализира „Индустри сервис“ од Скопје со сопствени средства и минимални 5,5 проценти поддршка од државата.
„Индустри сервис“ е семеен бизнис, еден од скоро 450-те проекти што ги финансираше Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во изминатите три години. Неговиот производствен објект денеска го посетија вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.
Според вицепремиерката Царовска, оваа компанија која е семејна покажува дека малите фирми и оние што инвестираат во технолошкиот развој со поддршка на Владата, може да остварат високи стандарди во производството.
-Ова не прави горди како Влада зашто не само што инвестиравме за тие да остварат повисоки стандарди, да имаат технолошки развој и поголем пазар, туку, дополнително, во период на КОВИД, успеавме да ги заштитиме работните места преку поддршка на минималната плата во сите компании кои имаат потреба. И сите 160 вработени во оваа компанија добија поддршка, рече Царовска, додавајќи дека на ниво на држава Владата преку мерката минимални плати поддржа 120.000 работници. На тој начин, посочи, е обезбеден континуитет на работните места и полесно излегување од социо-економската криза.