На Јутјуб каналот „Обнова на режимот“ денеска е објавена аудио снимка од телефонски разговор помеѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пренесе А1он.
Во разговорот се слуша како Јанакиески му предлага на Николоски да организираат сообраќајна незгода на превојот Пресека на патниот правец Кичево – Охрид, со цел да спречат поголема група Албанци да пристигнат на гласање на локалните избори во Кичево во 2013 година, кои претходно требало со два авиони да слетаат на охридксиот аеродром.
Разговорот почнува со зборовите „кажи шефе“, со кои Николоски му се обраќа на Јанакиески, кој пак му вели:
„Александар слушај сега, идеја со Горде ја зборевме. Има два авиони Шиптари слетуваат сега во четири-четири и пол. Да направиме една сообраќајна несреќа кај Пресека, ситна. Да се коли, па МВР увид, ваму-таму, трактор да се испреврти, нешто, сериозно ова ти го зборувам“.
На ова Николоски одговара дека нема ништо против идејата и предлага на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да и рече тоа за да го организираат „нејзините од МВР“.
– Ќе се организира таа работа, не ми е проблем, вели Николоски.
На ова Јанакиески прашува дали „не може некој од членството да излезе да чукне некој трактор со кола, пополека“. Николоски одговара дека ќе му рече на извесен нивни член од Кичево да го организира тоа.
– Јави му се…, ама негде накај Охрид, нека направи, ајде, вели Јанакиески. Николоски прашува кога слетува авионот, на што Јанакиески одговара „во четири“.
Сличен разговор беше презентиран и во судскиот процес за предметот „Титаник“ за изборни измами пред две години, на кој се слушаа предлозите на Јанакиески и Јанкуловска на денот на изборите, 24 март 2013 година, некои членови на ВМРО-ДПМНЕ да превртат трактор или пак да истурат песок од камион за целосно да го блокираат патот Кичево – Охрид, бидејќи како што велат Албанците „од аеродромот одат со автомобили, а не со автобуси“.
Потеклото на овие снимки кои се објавуваат на повеќе новокреирани канали на Јутујуб не е познато. СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, лидерот на партијата Зоран Заев веќе поднела кривична пријава до Обвинителството за сите објавени бомби од почетокот на кампањата, па досега, на Јутујуб каналите.