Заменик претседателката на СДСМ и носител на листа во ИЕ 5 – Радмила Шекеринска, денес во Охрид го коментираше новообјавениот разговор во кој се слуша како кандидатот за пратеник Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ договара со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески да се дозволи узурпација на охридското крајбрежје и да се дозволат дивоградби како дел од предизборно пазарење за гласови со ДУИ.
Статусот на УНЕСКО ни беше загрозен, затоа што ВМРО-ДПМНЕ играше политика со дивоградбите, си играше политика со Охрид и го користеше и Охрид и статусот на УНЕСКО, како монета за поткусурување во нивните меѓупартиски битки.
Ние ставивме точка на таквото однесување и во Охрид и во охридско и во целиот регион, покажавме дека грижата кон нашето национално богатство, без разлика дали е културно или природно нема алтернативна и дека сме подготвени да направиме се, да имаме и политичка волја, да имаме политички резултати, ама и да инвестираме пари, за да она што е убаво стане уште подобро, истакна Шекеринска.